Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски сподели дека мега проектот за Стаклара – Каменик конечно ќе стане реалност.
„После половина век мојот народ добива чиста вода за пиење! Работа и само работа, а не празни флоскули е она што нас нѐ одликува, а кога се работи чесно за народот, резултатите се очигледни. За тоа, најмногу зборуваат делата. Чест ми е да ве информирам, почитувани мои, дека после поставувањето на фекална мрежа со што решивме децениски проблем, започнуваме со решавање на уште еден најгорлив – а тоа е овие населени места да добијат чиста вода за пиење, после половина век“, истакна Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Се работи за поставување на водоводна мрежа од околу 6 километри, во кој проект учествува Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка во првата фаза, додека општина Кисела Вода со свои средства ја реализира втората фаза.
Согласно динамиката на работа во реализацијата на проектот, ќе се изгради пумпна станица и потисен цевовод до резервоар, како и главен цевовод низ населбата.
„Ова исто така значи дека и по завршувањето на градежните активности, го затвораме поглавјето со подземна инфраструктура и конечно, после 50 години, Стаклара ќе биде последното место без соодветно водоснабдување. Потоа, следува и асфалтирање на сите улици, со што Стаклара од една заборавена населба ќе стане уште една гордост на Кисела Вода, вели градоначалникот.
Тој му се заблагодари и на премиерот Христијан Мицкоски, кој како што напиша, за неговите заложби за единиците на локалната самоуправа и за неговиот напор кон имањето на поразвиени општини. Тој додаде и дека како никогаш во минатото, оваа Влада докажала и покажала дека граѓаните се на прво место.