Ѓорѓиевски пред бизнис заедницата: Скопје се гради, Македонија се движи напред - ги остваруваме проектите што се чекаа со децении!

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски учествуваше на Македонско-австрискиот бизнис форум каде истакна дека Скопје се гради, а Македонија се движи напред и дека се остваруваат проектите што биле чекани со децении. 

„Денес, на покана на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, имав чест да се обратам на Македонско-австрискиот бизнис-форум посветен на патната и енергетската инфраструктура, заедно со потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и министерката за енергетика, Сања Божиновска“, посочи Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.

Пред бизнис-заедницата тој зборуваше за Скопје и за конкретните чекори со кои ги придвижуваат проектите што граѓаните долго ги очекувале.

Градоначалникот наведе дека ги решиле имотно-правните пречки кај клучката „Момин Поток“ и овозможиле продолжување на работите, со рок за завршување до Нова година.

„Булеварот „Борис Трајковски“, ветуван три децении, е пред завршување. Се ослободува трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, а го придвиживме и проектот за мостот на „Љубљанска“. Ја завршивме првата фаза од булеварот „Македонија“ и наскоро влегуваме во втората, со која чекориме кон реализација на првата подземна сообраќајница во Скопје.  Зад секој придвижен проект стојат решени проблеми, преземена одговорност и работа на терен“, нагласи тој.

Ѓорѓиевски воедно истакна дека нивна обврска е тие проекти да станат функционални решенија што граѓаните ќе ги користат секој ден, додавајќи дека паралелно вложуваат во улици, тротоари, велосипедски патеки и осветлување низ сите скопски општини.

„Развојот мора да се почувствува во секое маало и пред секој дом. Скопје е сообраќајното, деловното и административното средиште на Македонија. Кога главниот град функционира подобро, придобивките ги чувствува целата држава. Затоа, координираното планирање на патната и енергетската инфраструктура и постојаниот дијалог со стопанството се клучни за нови инвестиции и работни места“, порача градоначалникот на Скопје.