
Во текот на вчерашниот ден, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека потпишал вкупно 1.032 предмети од данок на имот, данок на промет, наследство и подарок, како и решенија за комунална такса за фирмарина.
„Ова е јасен показател дека институциите работат со динамика која им доликува на граѓаните. Станува збор за предмети од сите правни основи, за кои отсега ќе стане пракса да се изработуваат со забрзано и уредно темпо. Овие готови решенија во најкраток можен рок ќе бидат дистрибуирани до даночните обврзници“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека од овој момент, ниту едно решение без правен спор нема да заглавува во административни лавиринти.
„Го враќаме редот, одговорноста и навременото постапување. Граѓаните мора да ги добиваат услугите тогаш кога им се потребни. Тоа е принцип од кој нема отстапување, исто како што беше ветено во мојата изборна програма“, порача Ѓорѓиевски.
Апелираше до сите физички и правни лица да ги исполнуваат своите обврски кон Град Скопје навремено и одговорно.