Ѓорѓиевски по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром: За Град Скопје инклузивноста е секојдневна борба и наша искрена заложба

Грижата за еднакви можности е нашата должност, а почитувањето на различностите - вредност што нè прави подобро општество. Иако 21 март е Светски ден на лицата со Даунов синдром, за Град Скопје инклузивноста е секојдневна борба, наша искрена заложба и пат по кој чекориме со одговорност и човечност, истакна денеска градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.

„Денес, во Скопската Зоолошка Градина, заедно со здруженијата „Видлива поддршка“ и „Трисомија 21“, засадивме дрвца кои ќе бидат симбол на животот, растот и надежта. Симбол на свет во кој секое дете има право да биде прифатено, сакано и поддржано“, вели Ѓорѓиевски.

Тој нагласува дека секое дрво што го засадиле е тивка, но моќна порака дека градењето заедница значи да се остави простор за сите.

„Да подадеме рака таму каде што е најпотребно, да покажеме дека различноста не нè дели, туку нè обединува и нè прави посилни. Инклузивноста значи отворени врати, еднакви шанси и искрена поддршка во училиштата, на улиците, во институциите и во секој дом. Таа значи да видиме, да разбереме и да прифатиме - без предрасуди, без услови. Да продолжиме да градиме град во кој секое срце има место, секој глас се слуша и секое дете добива шанса да го достигне својот сон, затоа што кога негуваме љубов, емпатија и еднаквост - градиме посветла и похумана иднина за сите нас“, посочи градоначалникот во објавата.