Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во градежните активности на булеварот „Борис Трајковски“ и најави дека до крајот на годината се очекува проектот да биде целосно завршен.

Според Ѓорѓиевски, повеќе од 100.000 граѓани ќе добијат помодерна и побезбедна сообраќајна инфраструктура, по децении најави и одложувања. Тој истакна дека работите се одвиваат побрзо од предвиденото и дека проектот треба да придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и полесно секојдневно движење.
„За рекордно време, пред предвидениот рок, ставаме крај на децениската сообраќајна голгота на една од најважните скопски артерии“, порача Ѓорѓиевски.
Реализацијата на булеварот е еден од инфраструктурните проекти што со години се најавуваа во главниот град. Неговото завршување треба да донесе подобри услови за сообраќај и поголема безбедност за жителите на овој дел од Скопје.
Целосното завршување на проектот е најавено до крајот на 2026 година.