Ѓорѓиевски: Оваа година имаме развоен буџет и ќе ги расчистиме долговите на општината

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски гостуваше во емисијата „Утрински брифинг“ при што зборуваше за буџетот на општината за кој кажа дека е развоен и во добра состојба.

„Ние имаме развоен буџет кој за првпат е толку голем, а мора да признаеме и дека имаме добра финансиска кондиција и покрај сите предизвици со кои се соочивме минатата година. Кисела Вода со години важеше за општина во која не беше инвестирано, а ние сме на добар пат да ја издигнеме на едно повисоко ниво“, кажа Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски посочи дека ја наследил општината со долг од три милиони, но благодарение на тимот со кој соработува и домаќинско работење е во финална фаза на расчистување на долговите.

„Јас како градоначалник општината ја наследив со долг од над три милиони. Морам да кажам дека сме во финална фаза на подготовки за расчистување на сите долгови“, кажа градоначалникот.