Ѓорѓиевски: Обезбедени се нови книги на Брајово писмо за дечињата со оштетен вид - повеќе од 60 наслови вкупно досега

Со особена грижа и чувство на одговорност, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски сподели дека и оваа година се потрудиле да обезбедат нови книги на Брајово писмо за дечињата со оштетен вид.

„Чекор што е многу повеќе од донација, но е силна порака за еднаквост, достоинство и вистинска инклузија“, оцени тој.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на Брајовото писмо, 4 јануари, оваа година се обезбедени нови наслови напишани на Брајова азбука, кои ќе го збогатат Брајовото катче во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Оваа иницијатива се реализира веќе четврта година по ред, а со најновата донација, вкупниот број на подарени изданија надминува 60 книги.

Книгите на Брајово писмо се создаваат со посебна технологија, специјална хартија и печатачи што ги прави исклучително скапи и тешко достапни за многу семејства. Токму затоа, ваквата поддршка претставува значајно олеснување за родителите и непроценлива можност за дечињата, кои преку книгата го градат својот образовен и животен пат.

Ѓорѓиевски посочи дека оваа година се донираат повеќетомските изданија на „Белото циганче“ од Видое Подгорец, „Зоки Поки“ и „Сказна за детето Вилен“ - дела со кои им се овозможува исто литературно доживување, истата магија на читањето и фантазијата, како и на сите други деца.

„Како градоначалник, но пред сè како човек и иницијатор на вакви и слични проекти, остануваме посветени на континуирано инвестирање во подобрување на условите за лицата со оштетен вид и другите попречености. Целта е да ја подигнеме свеста, поддршката на различностите и градењето на општество во кое инклузивноста не е привилегија, туку е правило и наша обврска. На овој свет, сите сме исти. Различни се само патиштата по кои чекориме“, порача градоначалникот.