
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека заедно со дел од својот тим извршил увид на неколку клучни локации кои ќе бидат приоритет уште во првите месеци од неговиот мандат. Тој нагласи дека дел од овие проекти со години биле закочени, но време е тие да тргнат напред.
Ѓорѓиевски најави нова клучка во Хиподром за приклучок кон автопатот на источниот дел од градот, кружен тек кај „Тобако 2“, нов мост кај Вардариште што ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба, како и решавање на проблемот и пуштање во употреба на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Дополнително, булеварот „Александар Македонски“ ќе добие трета лента на влезот во Скопје.
„Со силно темпо и динамика, како никогаш досега, ќе му донесеме на Скопје вистински сообраќајни решенија. Решенија кои ќе ја олеснат секојдневната сообраќајна циркулација и ќе го направат градот пофункционален и поврзан. Скопје добива нов лик, за подобар и развиен град каков што заслужуваат скопјани,“ порача Ѓорѓиевски.