
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во синоќешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека превработеноста, високите трошоци за електрична енергија и застарената механизација се главните причини за финансиските проблеми во јавните претпријатија и нагласи дека е потребен системски пристап за стабилизација на состојбата и намалување на долговите.
„Има неколку компоненти кои влијаат во целиот процес. Од една страна е превработеноста и треба да признаеме дека е така“, истакна градоначалникот, при што како пример го посочи јавното претпријатие „Комунална хигиена“, каде, според него, месечните трошоци за плати биле намалени од над 90 милиони денари на околу еден милион евра месечно.
Ѓорѓиевски смета дека сè уште треба да има редуцирање, особено во администрацијата.
„Тоа се околу 500 илјади евра месечно или шест милиони евра годишно. Со тие средства би се затвориле дел од долговите од минатото кои некој друг ги акумулирал“, рече тој.
Додаде дека на седница на ЗЕЛС разговарал со градоначалници за состојбата во јавните претпријатија и потребата од намалување на трошоците.
Градоначалникот исто така оцени дека јавните услуги во Скопје се меѓу најевтините во регионот.
„Имаме најниски сметки за ѓубретарина и најниски сметки за вода во целиот регион. Ако направиме споредба со општините во соседството, ќе се уверите во тоа“, рече Ѓорѓиевски.