
Денес во Скопје започнува најмасовната еко-акција на Балканот, GENERALKA WEEKEND, која годинава ќе мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, повеќе од 600 организации, јавни институции, приватни компании и над 250 државни институции.
- Особена чест ми е што денес сме заедно со претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, со госпоѓа Рози Мицкоска, амбасадорот на Австрија Мартин Памер, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамер Хоџа, како и заменичката Ане Лашкоска. Денешниот настан е силна порака. Порака дека чистата животна средина е заедничка одговорност, дека секој од нас има улога во изгледот на својата улица, своето маало, својот град и својата држава, порача денеска градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Освен во Скопје, оваа голема акција се спроведува на 500 локации ширум Македонија.
Првиот човек на Скопје истакна дека чистотата на главниот град е еден од најважните приоритети.
- Скопје е лицето на Македонија. Скопје е дом на стотици илјади граѓани, град во кој секојдневно живееме, работиме, се движиме, ги растеме нашите деца и ги пречекуваме нашите гости. Затоа Скопје мора да биде чисто, уредно и достоинствено. Како Град Скопје, секојдневно, во три смени, работиме на чистење и одржување на градот, рече тој.
Како што сподлеи, во наредните денови надлежните започнуваат и кампања за подигнување на јавната свест за одржување чиста животна средина, со јасна порака дека отпадот не припаѓа на улица, во парк, на кеј или покрај контејнер, туку таму каде што му е местото.
Истовремено, засилените инспекциски екипи се секојдневно на терен.