
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека денеска бил домаќин на неговите колеги од Германија (Кемниц), Италија (Гориција) и Словенија (Нова Горица).
„Имав чест да ги пречекам моите колеги од Кемниц, Гориција и Нова Горица, градови со богато искуство, визија и докажана културна сила. Заедно со градоначалниците Само Турел, Радолфо Зиберна, Џозефин Хаге, како и со Бен Нупнау - вршител на должноста амбасадор при Делегацијата на ЕУ, разговаравме за искуствата и предизвиците што ги носи титулата Европска престолнина на културата, титула што Скопје гордо ќе ја носи во 2028 година. Во рамки на посетата, прошетавме низ срцето на градот, низ неговите симболи и приказни, а потоа ја продолживме соработката на официјална средба во Europe House Skopje, место каде идеите се претвораат во визија, а визијата во конкретна иднина“, истакна Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Тој средбата ја оцени како „вистински простор каде културата дише, се движи и создава“, посочувајќи дека токму во тоа е суштината на Европската престолнина на културата.
„Да го истакнеме богатството на различностите, но уште повеќе - да изградиме мостови на заедништво, разбирање и заеднички европски идентитет. За Скопје, патот до 2028 е процес на отворање, на учење, на поврзување. Процес во кој културата станува двигател на промени што гради похуман, поотворен и посилен град. Затоа, денешната размена со нашите пријатели од Нова Горица, Гориција и Кемниц има посебна тежина“, додава градоначалникот.
Посочи дека овие градови покажале дека културата е жива енергија што создава нови односи, отвора дијалог и гради чувство на припадност и дека нивните искуства помагаат да се обликува приказната што Скопје ќе ја раскаже пред Европа.
„Ова партнерство не завршува со денешните разговори. Напротив, продолжува и добива своја видлива форма преку изложбата што вечерва се отвора во Музеј на Град Скопје, достапна за сите посетители од 15 до 26 април, како сведоштво за заедничката визија и културната поврзаност. Скопје 2028 е обврска да го зајакнеме европскиот дух на градот, да создадеме нови партнерства и да ги вклучиме граѓаните, младите, уметниците и институциите во една заедничка приказна на трансформација“, нагласи Ѓорѓиевски и воедно упатувајќи благодарност до сите партнери и до Делегацијата на Европската Унија.