Ѓорѓиевски: Доколку сите скопски општини се приклучат, поддршката ќе достигне до 100% - ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави ослободување од комуналии за млади брачни парови до 40 години.

„Младите што сакаат да го изградат својот дом заслужуваат силна и конкретна поддршка од Град Скопје! Успешната практика што ја воспоставивме во Кисела Вода, првпат во историјата на државата, сега ја пренесуваме и во Град Скопје. Она што го ветив во мојата програма го претвораме во реална помош за семејствата“, истакна Ѓорѓиевски.

Со оваа мерка, како што посочи тој, младите брачни парови до 40 години и самохраните родители што сакаат да изградат свој дом ќе бидат ослободени од делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје - односно 60% од вкупните комуналии, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план на градот.

Ѓорѓиевски додаде и дека доколку сите скопски општини се приклучат со ослободување и од својот дел, оваа поддршка ќе достигне 100% ослободување од комуналии!

„Ги повикувам сите мои колеги градоначалници да застанеме заедно зад оваа цел и да им го олесниме патот до сопствен дом на што повеќе семејства. Имаме можност да оставиме нешто вредно зад себе - повеќе семејства со сопствен покрив над главата и со поголема сигурност за утрешниот ден“, порача градоначалникот.

Воедно нагласи дека помал финансиски товар при изградбата значи повеќе средства за уредување на домот, за потребите на децата и за посигурен почеток на заедничкиот живот.

Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а барањето за аплицирање ќе биде достапно на веб-страницата на Град Скопје.