
Бог се јави! Денешниот ден е длабоко значаен и величествен. Ден кога го славиме Богојавление, светото крштевање на Господ Исус Христос, една од најсветите тајни на Христијанството, симбол на духовно раѓање, вера и прочистување на човековата душа, напиша во објава на социјалните мрежи, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Овој празник, вели дека за него имал и посебна лична тежина, бидејќи денес го одбележувал и неговиот именден, за што вели дека го правело чувството уште посилно и поблагодарно.
„Масовноста, сплотеноста и заедништвото на мојот народ, кои денес јасно ги сведочиме, се силен доказ дека нашата вера, традиција и духовни вредности живеат и се пренесуваат од поколение на поколение, како темел на нашиот идентитет и опстојување. Го честитам празникот на сите кои денес беа дел од овој свет и возвишен настан“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој упати честитка до Поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и до целото свештенство кое го предводеше овој свет чин во духот на нашата вера и вековна традиција.
„Им честитам и на сите скокачи кои, во навистина голем број, покажаа храброст и духовна сила обидувајќи се да го извадат Светиот Крст од водите. Посебна честитка до најсреќниот Дарко Митровиќ, кој го извади Светиот Крст од осветените води на реката Вардар. Му посакувам добро здравје, среќа и радост, како и од Бога благословена година за него и неговото семејство. Да сте ми сите здрави и живи и догодина уште побројни, посложни и повесели“, порача градоначалникот во неговата објава на Фејсбук.