
Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на неговиот Фејсбук профил напиша дека денес заедно со сите градоначалници од Скопје биле во посета на претседателот на Советот, Трајко Славевски каде се разгледувал предлог - буџетот за 2025 година.
„Како и обично, градоначалникот Арсовска не се појави на овој состанок. Побаравме од градските служби да го дадат на увид предлог-буџетот но, исто како што се крие Арсовска, се кријат и документите од претседателот Славевски и од скопјани.
На овој состанок се договорија и неколку клучни работи:
До петок, сите колеги градоначалници до Советот на градот Скопје да испратат приоритетни проекти кои ќе влезат во Буџетот за 2025 година, со оглед на тоа дека истиот не е даден на увид а при изработката не се вклучени ниту советниците;
Побаравме и поголема меѓуопштинска соработка, за општините да можат да реализираат проекти на простор каде што надлежен е градот.
Немањето координација од страна на градот е сериозен проблем кој ги засега сите скопјани. Единствено позитивно е што за седум месеци од сега, Скопје ќе биде спасено од овој хаос кој му се случува. Скопје повторно ќе биде горд град“, напиша Ѓорѓиевски.