Градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вели дека тие како градоначалници се спремни да иницирааат измени во законот само да и се одземат ингеренциите на Данела Арсовска. „Министерот за локална самоуправа можеби даде тврдење дека законски е неприменливо да се премине директно кон одземање на ингеренциите, но секако не отстапуваме од идејата и доколку треба законски да се интервенира. Ние како скопски градоначалници ќе бидеме иницијатори тоа да се спроведе во пракса. Ова е недопустливо да се дозволи и понатаму да се случува. Ние сме подготвени како група да иницираме и измени во законот доколку е потребно за да се овозможат подобри услови за функционирање на сите скопјани“,изјави Ѓорѓиевски,
Тој вели дека во моментов единствен спас за Скопје е градоначалничката да си поднесе неотповиклива оставка.
„За жал, скопјани се заложници на еден човек кој има проблем со себе, тоа мора да го признаеме, на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе и да го најде проблемот во себе. Знаеме дека станува збор за личност која е конфликтоман по природа и не сака да придонесе за развојот на градот. Проблемите не се само за јавниот транспорт, проблеми имаме и во ‘Водовод’, проблеми имаме и во ‘Комунална хигиена’, во ‘Паркови и зеленило’, практично проблеми имаме во секое јавно претпријатие. Ние можеме до недоглед да бараме вина во кого било, но вината на крајот од денот е во менаџерот, во тој што добил историска шанса од граѓаните да направи нешто за својот град и за граѓаните“, додаде претседателот на ЗЕЛС.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински вели дека законот за локална самоуправа е системски закон и бара 2/3 мнозинство. Тој додаде дека за негова смена ќе биде потребно време.
„Ние бараме инстант-решенија бидејќи надвор има 40 степени, а Скопје тоне во смет. И да земеме ова да го решаваме на начин по укажување од градоначалниците, верувајте дека ќе треба време. Законот за локална самоуправа е системски закон, се носи со двотретинско мнозинство и треба да бидеме свесни дека ако влеземе во оваа авантура нема да може да го решиме прашањето. Затоа, апелиравме како Влада, зашто дел од системот на функционирање на Градот Скопје се менаџментот и Советот – таму можат наједноставно и најбрзо да се решат сите проблеми кои ние како скопјани ги живееме“,изјави Перински.