Ѓорче Петров лани рекордер по трошење пари за репрезентација

Mинатата година, највисок тендер за репрезентација има склучено Општина Ѓорче Петров. Се работи за договор вреден 15.350 евра кој се однесува за печатење на роковници, календари, папки и пенкала што општината го склучила со Друштво за вработување на инвалидни лица, производство, трговија и услуги МАКСТЕН ГРАФИКА ДООЕЛ увоз-извоз Скопје.

Инаку, општината со оваа фирма, истата година, склучила договор вреден 43.881 евра за печатење на весници, службени гласници, монографии, плакати и друг вид на рекламен материјал. Додека, во 2019 година за истиот договор се потрошени 2.878 евра.

Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија во рамките на проектот ПЕП изработи истражување кое покажува дека 64 општини во нашата земја за три години вкупно потрошиле 2.220.634 евра, односно во просек, во овој временски период секоја општина потрошила по околу 34 илјади евра, или над 11 илјади евра годишно.