Ѓорче Петров блесна - Заврши пролетната акција за чистење и уредување

Пролетната работна акција на Град Скопје со екипите на јавните претпријатија и во координација со Ѓорче Петров, успешно се спроведе на целата територија на оваа општина.
Од почетокот на работната акцијата за генерално чистење на општината Ѓорче Петров во специјалните садови на ЈП Комунална хигиена, досега се одложени околу 80 кубни метри кабаст отпад што се подигнати и транспортирани од претпријатието. Екипите на ЈП Комунална хигиена секојдневно рачно и машински ги миеја и метеа улиците и булеварите, сите автобуски постојки во општината, а извршија и дезинфекција на сите контејнери.

ЈП Улици и патишта во големата пролетна акција во оваа општина ги санираа оштетувањата на улиците Ѓорче Петров, Волковска, Лепенец, Воин Драшковиќ, Кичевска, Алексо Демниевски, Шарпланинска и Пекљане, како и на крстосниците на улица Ѓорче Петров со улица Вера Циривири и улица Ѓорче Петров со улица Никола Вукмировиќ, со вкупна површина од 150 квадратни метри.

На улиците Лука Геров и улица Пекљане санирани се оштетените пешачки патеки, односно бекатон плочите со вкупна површина од 35  квадратни метри.
Екипите што ја одржуваат сообраќајната сигнализација на градските сообраќајници ги заменија оштетените сенила на семафорите на крстосниците на улицата Ѓорче Петров со улицата Исаја Мажовски и со улицата Македонски војски, на улицата Сремски фронт и на крстосницата со улица Атанас Иљовски, како и на крстосниците на улица Ѓорче Петров со улицата  Сарај и на крстосницата на улицата Лука Геров со улицата Николај Островски.

Во текот на ноќното бележење низ градот се обележани четири такси станици и осум автобуски постојки на булеварот Партизански одреди, улицата Радушка и на улицата Ѓорче Петров кај пазарчето и кај СП Планет.
Екипите  на ЈП Паркови и зеленило денеска извршија косење на тревните површини, собирање на откосот и кроење на вегетацијата на улица Лука Геров, во населбата Даме Груев. Теренските екипи извршија и расчистување на зеленилото  од  отпадоци и смет, како и собирање шут и гранки од зеленилото по должината на  улицата.
Екипите од Секторот дрвореди  постапија по издадени Решенија од Град Скопје и  искастрија 5 дрвја на улиците Шидска, Наум Чакаров и на улицата  4.Јули.
 Во рамките на акцијата екипи на ЈП Паркови и зеленило вршеа активности согласно со надлежностите и искосија  околу 90. 000 квадратни метри  јавни зелени површини на локации на булеварите Ѓорче Петров и Македонска војска и  на улицата Лука Геров, а екипите од Сектор дрвореди интервенираа и на другите локации и реализираа кастрење на вкупно 131 дрво по издадени Решенија од Град Скопје.
Екипите на јавното претпријатие Водовод и канализација  во општината Ѓорче Петров за време на акцијата на  улицата Лука Геров извршија контрола на 45 шахти, рачно исчистија 17 шахти, 105 сливници,  како и миење  на канализациона линија  од 230 метри  со цистерна  со вакуум  и прочистување  на 390 метри со цистерна под  притисок. На улицата Борис Сарафов извршија контрола  на 35 шахти, рачно исчистија 15 шахти и  117 сливници,  како и  миење на  канализациона линија од 330 метри  со цистерна со вакуум прочистување  на 360 метри со цистерна под  притисок.

На улицата Македонска војска извршија контрола на 36 шахти, рачно с исчистија 15 шахти и  82 сливника,  како и миење  на канализациона линија од 190 метри со цистерна со  вакуум  и прочистување на 235 метри  со цистерна под  притисок. На улицата Ѓорче Петров извршија  контрола на 92 шахти, рачно  исчистија 37 шахти и 298 сливници, како и миење  на канализациона линија  од 860 метри со цистерна со  вакуум и прочистување  на 610 метри со цистерна под притисок.

Заловувачките тимови на ЈП Лајка постапуваа на четири клучни локации во општина Ѓорче Петров, односно на улицата Лука Геров, околу општинската зграда, на територијата на населеното место Волково и на гробиштата каде што заловија 10  кучиња. 

Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција  го примаше, складираше и депонираше комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира на територијата на општина Ѓорче Петров.

Пролетната акција на Град Скопје со јавните претпријатија во Ѓорче Петров се спроведуваше на целата територија на општината, а од понеделник ќе продолжи во Сарај.