Гинеколог од Скопје девет месеци ја лажел пациентката дека е бремена

Брачен пар, поднесе пријава против гинеколог од Скопје кој девет месеци ја убедувал својата пациентка дека е бремена иако не постоело бебе.

 -Имав неколку неуспешни бремености и кога добивме бесплатен ваучер од ФЗО за ин витро се случи монструозниот чин. Докторот, уште на почетокот ме убедуваше дека сум бремена иако крвавев, ми даваше хормоналана терапија и инјекции против коагулација на крвта,  ме убедуваше дека во мојот стомак се развива живот. Бевме пресреќни со мојот сопруг иако бев бомбардирана со терапија. Купуваме облека, играчки, креветче, детска соба. На секое одење на преглед лекарот ги мереше димензиите на бебето, ми пушташе срцев ритам, ни даваше да ги гледаме сликите од ехо. Дури ни го кажа и полот, дека бебето е машко“, ја започна приказната оваа четириесет годишна жена за ТВ НОВА.

Пациентката сакајќи да остане анонимна, за Тв нова раскажала дека четири пати безуспешно се обидувала да остане бремена со нејзиниот сопруг па му ја дале довербата на лекарот кој тогаш работел во една, а потоа во друга приватна болница. Од септември минатата година е примен на работа на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Како се наближувал датумот на породување, гинекологот се повеќе го одложувал породувањето со образложение дека има се уште време до крајниот рок. Во еден момент предложил породувањето да биде направено во болницата во Прилеп, што нашата соговорничка децидно го одбила. Кога веќе не можело да се одлага, гинекологот го викнал нејзиниот сопруг и му соопштил дека неговата сопруга „дури тие мислеле дека била бремена, всушност не била бремена“.

Тогаш му кажал дека има три опции: Тој да ја породи со царски рез и да и каже дека бебето е мртво родено, да ја успие со анестезија во амбулантата, да и направи киретажа и повторно да и каже дека бебето било мртво или пак, сопругот да и соопшти дека не била бремена, воопшто.

Сопругот веднаш отишол и ја донел сопругата кај докторот каде и соопштил дека е работи за лажна бременост која наводно требало да ги подобри нејзините репродуктивни способности, дека имала спонтан абортус во шестата гестациска недела и дека јајниците и се за никаде. За нејзино добро тоа дотогаш не и го соопштил, а успеал нејзините репродуктивни органи да и ги врати на степен од пред 15 години, рекол лекарот.

По тоа жената заминала кај друг доктор на клиника каде после прегледот, и кажале дека не постоела бременост воопшто и биле шокирани од приказната.

По ова, сопружниците ангажирале адвокат, а за случајот ги известиле  Министерството за здравство и Лекарската комора. Нејзината адвокатка за НОВА изјави дека лекарот мора кривично да одговара и да му биде забрането да ја врши дејноста за да не наштети и на други пациентки.

„Овој лекар нема морален основ да врши лекарска дејност и треба кривично да се казни. Имаме граѓанска и социјална обврска да ја известиме јавноста, со цел да превенираме во иднина да не повтори вакво монструозно и нехумано дејствие на друга жена. Тој не смее да биде заштитен со вработување во државна Клиника за гинекологија, туку неговото кривично дело треба да и биде познато на целата јавност“, изјави за НОВА, адвокатка на оштетената.

НОВА го побара и гинекологот кој во прв момент рекол дека до завршување на постапката нема да зборува за случајот. Но, сепак дал објаснување.

-Дадов изјава пред обвинителство и таму кажав се што имав. Се уште нема судски процес, не сум повикан никаде така што до завршување на постапката не сакам да разговарам за ова. Тоа што сум го направил сум го кажал таму каде што треба. Тврдам дека не сум загрозил ничиј живот, не дошло до губење на органи, не сум убил човек, не сум направил ништо лошо што ќе донесе непријатности понатаму во животот“, изјавил тој за НОВА.

Тој потенцира дека досега не бил осудуван, дека не наштетил на ниту една пациентка, а вакви работи постојат за пациентки да се извлечат од дадена состојба. Не сакаше да каже дали тој имал други вакви случаи.

Во Министерството за здравство велат дека постапувањето во случаи кога постои сомневање за извршено кривично дело не е во надлежност на министерството, туку на судот и истражните органи.

„До донесување правосилна пресуда, се почитува начелото на презумпција на невиност. Докторот доставил уредна документација и ги исполнувал сите законски услови за преземање во јавно здравство“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

Лекарската комора која исто така писмено е известена за случајот до моментот на објавување на сторијата се уште не се изјасни за случајот.