Германија ги отвора вратите за квалификувана работа сила - има место и за Македонци

Новиот германски закон за вселување на стручна работна сила, односно вработување на граѓани од држави надвор од ЕУ во оваа земја носи неколку значителни промени. Оваа промена ќе им ја олесни постапката за наоѓање работа на работниците кои сакаат да работат во најсилната економија во Европа.

Како што се наведува на сајтот на Владата на Германија, изразот „квалификуван работник“ ќе се користи и за работниците со висока стручна подготовка и за оние со пониска стручна подготовка, што на вторите ќе им го олесни патот до наоѓање работа.

Новиот закон предвидува граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, а имаат квалификации потребни за Германија, да добијат дозвола за престој од шест месеци за да најдат работа. Во овој период, тие мора да имаат свои средства за живот и да покажат доволно ниво на познавање на германскиот јазик.

Министрите за економија и за труд, Петер Алтмаер и Хубертус Хајл го поздравија донесувањето на законот оценувајќи дека со него ќе се овозможи праведна шанса и јасни правила во политиката за доселување на квалификувана работна сила.

Алтмаер изјави дека станува збор за историски момент во кој Германија го менува начинот на размислување кога станува збор за доселувањето.

„Ние зад себе ја оставаме идеолошката расправа за доселувањето која траеше 30 години“, рекол министерот алудирајќи на долгогодишното одбивање на политичките фактори во Германија државата да ја прогласат за доселеничка земја.

Министерот за труд пак, рекол дека демографските промени и дигитализацијата ја ставаат германската економија пред голем предизвик, додавајќи дека на Германија веќе и недостасуваат 1.2 милиони стручни работници.

Работна дозвола и виза ќе добиваат само квалификувани работници, а поставени се одредени критериуми кои нема да се заобиколат.

Еден од главните услови, покрај квалификацијата е познавање германски јазик, поради полесна адаптација, а тоа не смее да биде под ниво А2. Овозможено е задржување во Германија поради пронаоѓање работа, а ќе биде овозможено и дошколување, таму каде што е потребно, поради различноста во образовниот систем на Германија и земјите надвор од ЕУ.

Потребно е работно искуство од 18 месеци и потврда за немање направено кривично дело, како и јасна потврда на идентитетот. За добивање дозвола за постојан престој ќе бидат потребни 30 месеци работа во Германија.