Податоците покажуваат дека извозот кон нашиот најголем трговски партнер Германија изнесува околу 41 процент од вкупниот извоз што го направила Македонија. Она што загрижува е веста дека во првите 9 месеца токму со Германија имаме пад од дури 13 отсто во однос на истиот период лани. Извозот на стока во првите 9 месеци годинава во однос на истиот период лани е намален за дури 6,1 проценти, додека вредноста на увозот е намалена за 0,6 проценти.
Падот во извозот и увозот претставуваат негативни индикатори за економскиот развој на нашата земја. Извозот реализиран до септември годинава изнесува 5,86 милијарди евра, додека увозот е 8,2 милијарди, што укажува дека покриеноста на увозот со извозот е 71,5 проценти.
„Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица“, пишува во извештајот на Државниот завод за статистика.
Во овој периодот, според вкупниот обем на надворешно трговската размена најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.
Она што предизвикува особена загриженост е фактот дека падот на извозот во Германија за првите девет месеци од годинава е 13,3 проценти во споредба со истиот период од 2023 година. Увозот останува стабилен со зголемување од 0,9 проценти. До септември оваа година, Германија претставува 41 процент од нашиот вкупен извоз, па настаните таму се критично важни. Според информациите од медиумите, германската економија се соочува со блага рецесија.
Исто така, забележан е пад на извозот со Грција (11,8 проценти), Турција (11,8 проценти) и Косово (6,7 проценти), додека пак извозот се зголемил во Србија за 15 проценти, во Бугарија за 13,3 проценти и најзначително во САД за 78,1 процент.