Крилото на актуелниот европски шампион во ракомет, селекцијата на Германмија Уве Генсхајмер, стравува од атмосферата во загребската арена што ќе ја направат навивачите на балканските земји (Словенија, Македонија и Црна Гора). Тоа ќе им ја направи потешка задачата со максимален број на бодови да се пласираат во наредната фаза на шампионатот.
-Македонија заедно со Словенија и Црна Гора се држави кои не се многу далеку од Хрватска. Тие ќе имаат многу публика во Загреб. Во таква ситуација ќе се чувствуваат како да се на домашен терен, а тоа ќе ни зададе големи проблеми на нас. Секако ќе ни ја направи нашата задача далеку потешка. Имам многу високо мислење за Раул, по работата со Вардар и со македонската репрезентација и јасно е дека тој ќе биде адут на нашиот противник на ова ЕП, но јас очекувам да стигнеме до самата завршница, а зошто и да не одбрана на титулата – изјави Генсхајмер.
Тој пред две години, поради повреда не настапи на шампионатот во Полска, на кој Германците стигнаа до златниот медал.
-Тогаш бев разочаран што не играв, но тоа ми е само мотив повеќе за сега да се прикажам во уште подобро светло. Сите што ме познаваат знаат дека сум оптимист и секогаш атакувам на трофеи, така ќе биде и овојпат. Мислам дека имаме квалитет да стигнеме најмалку до полуфиналето, а таму да се бориме и за медал и за одбрана на тронот, заврши Генсхајмер.
Македонија против Германија игра на 17-ти Јануари во последниот натпревар од првата групна фаза.