Герасимовски за во понеделник најави вонредна дератизација во Центар

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски за во понеделник најави дека ќе биде спроведена вонредна дератизација во Центар.

„Последната вонредна акција ја спроведовме пред само еден месец, а од почетокот на годината имавме и редовна пролетна и две вонредни дератизации. Во октомври следува и редовната есенска дератизација“, посочи Герасимовски.

Тој исто така истакна дека општинските служби ја следат состојбата и реагираат каде што има потреба.

Сепак, градоначалникот наведува дека дератизацијата сама по себе не е доволна, бидејќи и нередовното чистење на контејнерите, натрупувањето и несоодветното оставање отпад создаваат услови за појава на глодари.

„Затоа апелирам и до граѓаните редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти“, порача Герасимовски.

Инаку утрово жители на Буњаковец се пожалија на појава на глувци и стаорци во близина на училиштето „Ј.Х. Песталоци“ и Т.Ц. Буњаковец.