Герасимовски за 4 години бил само трипати на службено патување во странство, патувањата не биле на сметка на општинскиот буџет

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски неодамна, во објава на Фејсбук, рече дека не потрошил ниту еден денар од граѓаните на непродуктивни трошоци, како патувања и угостителски услуги, туку дека и тие 2 милиони денари ги пренамениле за потребите на социјално ранливи граѓани. 

Од друга страна, Скопје Инфо минатата недела сподели текст во кој. како што можеше да се види на Електронскиот систем за јавни набавки, Општина Центар годинава склучила договори за јавна набавка на услуги - Хотелско сместување, авиобилети и услуги за превоз за потребите, со вкупна вредност од 1.300.000,00 денари.

За тоа дали градоначалникот евентуално бил меѓу корисниците во рамки на службата на овие услуги, Редакцијата на Скопје Инфо испрати прашања до Општина Центар. Еве кој е нивниот одговор:

„Во изминатите четири години, градоначалникот на Општина Центар бил на службени патувања трипати надвор од државата, а сите трошоци биле покриени од организаторите. Не се работи за туристички или лични цели, патувањата биле исклучиво во функција на промоција на Општина Центар и размена на искуства со други локални самоуправи. За овие патувања не се користеле средства од општинскиот буџет, немало приватни ручеци, службени дневници или слични трошоци“, велат од Општина Центар за Скопје Инфо.

Во тој случај, изјавата на градоначалникот Герасимовски дека не потрошил средства на патувања и угостителски услуги е вистинита.