Герасимовски вели дека не потрошил ни денар на патувања, Општината годинава склучила договори за авиобилети и хотели вредни над 21.000 евра

Пред неколку дена, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во објава на Фејсбук рече дека не потрошил ниту еден денар од граѓаните на непродуктивни трошоци, како патувања и угостителски услуги, туку дека и тие 2 милиони денари ги пренамениле за потребите на социјално ранливи граѓани.

Сепак, иако градоначалникот, како што вели, не користел средства за патувања, на Електронскиот систем за јавни набавки може да се забележи дека Општина Центар годинава склучила договори за јавна набавка на услуги - Хотелско сместување, авиобилети и услуги за превоз за потребите.

Првиот дел од Договорот – за хотелски сместувња, Општина Центар го склучила со Друштво за туризам, угостителство и трговија АВИОТУРС ТРАВЕЛ СЕРВИС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, како избран најповолен понудувач, и е со времетраење се додека не се исполнат обврските кои со договорот ќе ги превземат договорните страни, односно до целосно исцрпување на средствата предвидени за предметната набавка, но не подолго од 1 (една) година сметано до денот на неговото склучување. Вкупната вредност на овој Договор, изнесува 847.457,63 денари без вклучен ДДВ, додека вкупната цена на услугите од овој Договор, изнесува 1.000.000,00 денари со вклучен ДДВ.

Вториот дел од Договорот се однесува на авиобилети, каде како најповолен понудувач се јавило Друштво за агенциски и туристички работи и други услуги БТ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје. Вкупната вредност на овој договор, изнесува 254.237,00 денари без вклучен ДДВ. Вкупната цена на услугите од овој Договор, изнесува 300.000,00 денари со вклучен ДДВ.

Вкупната вредност со ДДВ на двата дела договори изнесува 1.300.000,00 денари.

Не е јасно за кого од Општина Центар биле наменети овие услуги, односно кои биле корисниците, како и тоа за која дестинација биле искористени, но јасно е дека договорите во име на Општината ги потпишал градоначалникот.

За тоа дали градоначалникот евентуално бил меѓу корисниците во рамки на службата на овие услуги, Редакцијата на Скопје Инфо испрати прашања до Општина Центар, кои ќе ги сподели веднаш по добиениот одговор.

Доколку градоначалникот Герасимовски евентуално ги користел овие договорени услуги, тогаш вистинското прашање би било – дали Герасимовски ги излажа граѓаните во неодамнешната објава?