Герасимовски со отчет: Со инвестициите од претходните три години во наследство оставаме проекти за многу следни генерации

Претпријатие за производство и продажба на електрична енергија, капитални инвестиции во образовните институции и инклузивниот процес, паметно осветлување и инфраструктурни проекти, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го претстави тригодишниот отчет пред граѓаните. Тој на прес конференција посочи дека изминатиот период општината е фокусирана и посветено работи на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа, а за тоа говори и високата реализација на буџетот која изнесува 87%.

Герасимовски отчетот го започна истакнувајќи дека дел од проектите кои актуелната локална власт ги реализирала за три години се направени по повеќе од 50 години.

Од капиталните проекти тој рече дека Општина Центар е носител на иновациите потенцирајќи го трговското друштво „Енергија Центар“.

„Општина Центар уште еднаш покажа дека е лидер во иновациите. Ние сме првата општина во државата што основа претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. Преку „Енергија Центар“ поставивме фотоволтаични централи на градинката „Пепелашка“, со што за една година ги преполовивме нејзините трошоци за електрична енергија. Пред два месеци, фотоволтаични панели поставивме и на кровната површина на училиштето „Киро Глигоров“, вкупно 720 панели со инсталирана моќност од 396 киловати за производство на електрична енергија. Оваа инвестиција, во вредност од 7,3 милиони денари, беше обезбедена од општинскиот буџет.

Нашата цел е да поставиме фотоволтаични централи на сите основни училишта и градинки, а средствата од продажбата на вишоците електрична енергија да ги реинвестираме во нови фасади, подобрување на објектите и унапредување на наставниот процес “, изјави Герасимовски пред новинарите.

Тој рече дека за првпат во државата е отворена енергетска канцеларија каде правните и физичките лица може да се информираат за постапките и документацијата за поставување на фотоволтаични панели.

Од капиталните инвестиции Герасимовски зборуваше за доградбата на училиштето „Коле Неделковски“ по цели 66 години како и поставувањето на паметното осветлување со кое општината ќе заштеди на сметките за јавно осветлување.

„Ветивме и го исполнивме проширувањето на капацитетите на училиштето „Коле Неделковски“. По 66 години, училиштето за првпат доби четири нови училници и два кабинети. Дополнително, изградивме лифт и санитарни јазли за учениците со посебни образовни потреби. Градиме модерна и современа општина. Инвестиравме два милиони евра во реконструкција и модернизација на уличното осветлување, приклучувајќи се на проектот Смарт сити. Во завршна фаза сме на поставување на улични светилки со ЛЕД технологија и паметни ормари, што ќе придонесе за зголемена безбедност, подобрен квалитет на осветлувањето и до 70% заштеди за општината“, рече Герасимовски.

Изградбата на градинката „Пролет“ во вредност од 2,5 милиони евра и улицата „Ленинова“ се уште едно ветување за кое зборуваше Герасимовски.

„Со особена радост сакам да најавам дека внатрешното уредување на новата градинка „Пролет“ е при крај. Општина Центар со сопствени средства во износ од околу 2,5 милиони евра ја гради најголемата градинка во државата, со капацитет за згрижување на 150 деца од населбите Пролет и Маџир Маало. Ова е модерна градинка на две нивоа, опремена со пристапни рампи, лифт и сопствена кујна. Го исполнивме и барањето на граѓаните и ја реконструиравме улицата „Ленинова“, која сега е модерна, зелена и урбана улица. Создадовме паркинзи за станарите, ново осветлување, паркинзи за велосипеди и велосипедски патеки од двете страни на улицата “, изјави Герасимовски.

Градоначалникот на Центар Герасимовски зборуваше за новиот проект кој во моментов се работи, а се однесува на зелен појас во Капиштец.

„Веќе започнавме со хортикултурно и партерно уредување на потегот од „Беверли Хилс“ до трговскиот центар „Зебра“ во Капиштец. Ќе зазелениме и уредиме површина од околу 7000 квадратни метри, за која верувам дека ќе стане ново собиралиште за жителите на населбата. Ова уредување вклучува поставување на нова урбана опрема, детски реквизити, систем за наводнување и модерно ЛЕД осветлување, кое ќе ја подобри видливоста и безбедноста во вечерните часови“, рече Герасимовски.

Од инвестиции во образованието Герасимовски наброја инвестиции во инклузивниот процес во образованието, новите лифтови во училиштето Коле Неделковски и градинката Пролет, пристапните рампи во „Коле Неделковски“ и „Кочо Рацин“ и градинката „Пролет“, спортските сали во училиштата „11 Октомври“, „Гоце Делчев“, „Кочо Рацин“ и свечената сала во училиштето Димитар Миладинов. Темелно реконструираната и модернизирана трпезаријата и кујна во училиштето „11 Октомври“, новата информатичка опрема во вредност од 6 милиони денари, сензорните соби и прочистувачите за воздух во секоја училница во сите училишта.

Герасимовски рече дека се реконструирани и тоалетите во 5 основни училишта, крововите на градинката „13 Ноември“ објектот „Јасмин“, градинката Корчагин која има и целосна реконструкција на сите занимални. Тој потсети и дека три години сите првачиња во Центар добиваат бесплатни ранци и училиштен прибор како и тоа дека општината е единствена која обезбедува лични асистенти за децата со посебни образовни потреби.

Во инфраструктурниот развој Герасимовски зборуваше дека општината реконструирала 19 улици при што обезбедени се резидентни паркинзи, поставена е нова урбана опрема и столпчиња за регулирање на сообраќајот на повеќе локации во општината.

„По барање на граѓаните, изградивме дополнителни пешачки патеки во неколку населби, овозможувајќи полесна достапност до одредени локации. Целосно го реконструиравме и тротоарот на улицата „Народен фронт“, со што добивме побезбедни улици и за возачите и за пешаците. Продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните и да ја унапредуваме инфраструктурата. Го регулиравме паркингот кај Народна банка за 250 возила и изградивме паркинг зад автобуската „Ким“ и училиштето „Коле Неделковски“, рече Герасимовски.

Општина Центар е највело општина со освоена прва награда, а заслуга за тоа имаат и 460-те субвенции за купување нови велосипеди, 66-те субвенции за е-велосипеди и тротинети, како и субвенциите за дополнителна опрема за велосипеди, појасни градоначалникот на Општина Центар Герасимовски.

Во неговиот отчет влегува и акцијата за кревање на хаварисани возила кои ја грдат сликата за јавна чистота и уредена околина.

„Во соработка со МВР и пајак службата на Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар,“ организираме акции за отстранување на хаварисаните возила. Целта е да ги ослободиме јавните површини што со години беа безцелно узурпирани. За оваа цел, овозможивме телефонски број каде што граѓаните можат да ги пријавуваат хаварисаните возила за нивно бесплатно дислоцирање“, рече Герасимовски.

Тој зборуваше и за реконструкцијата на детските и спортски игралишта и апелите за намалување на девијантното однесување во ноќните часови.

„Силно се залагавме за институционална поддршка во справувањето со девијантното однесување во ноќните часови. Нашите апели до младите, родителите, институциите и стручната фела сакаме да ги преточиме во предлог за законско решение кое ќе стави крај на овие појави. Како градоначалник, заедно со општинската администрација, ја инициравме постапката за измени во законот што ги опфаќа малолетничката деликвенција, родителството и образованието. Ова е чекор кон спречување на насилното и девијантното однесување, кое за жал се пренесува и во други општини“, изјави Герасимовски.

Тој потсети и на зголемените инспекторски надзори и зборуваше за исполнетите ветувања кон пензионерите. Трите отворени пензионерски клуба, бесплатните стоматолошки услуги, еднократна финансиска помош за пензионерите со просечни пензии како и проектот кој нуди нега во домашни услови. Во отчетот Герасимовски не ги изуми ниту семејствата со принова. За три години општината доделила 5 милиони и 600 илјади денари на 808 семејства со новороденчиња и воведе нов проекти за бесплатен превоз до здравствените установи за лицата со попреченост над 18 години.

Градоначалникот Герасимовски зборуваше за транспарентноста и отворени денови како и онлајн услугите за граѓаните и нивното партиципативно учество во креирање на буџетот.

Од културните настани тој ги наброја Маалскиот фестивал, детската недела, роденденот на Горан Стефановски, како и концертот Нешто што ќе остане како и хуманитарните базари за собирање средства за лекување на неколку центарски дечиња.

Општина Центар е лидер во промени, рече Герасимовски мислејќи на Иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти која се преточи во ново законско решение.

„Тоа е победа не само на Општина Центар, туку и на сите општини во државата“, рече Герасимовски.

Герасимовски зборуваше и за проектите кои се планираат за следната година, а тоа е изградба на нова општинска и административна зграда со 300 паркинг места за автомобили и 100 за велосипеди и тротинети. За следната година рече Герасимовски клубот „Работнички“ ќе добие матична сала што е исполнување на уште едно негово ветување.

За крај тој изјави дека Општина Центар ќе остане посветена на ветувањата за реализација на сите проекти кои носат бенефит за граѓаните, ја развиваат општината и го подобруваат животот во Центар.