Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимоски на неговиот Фејсбук профил објави дека е во финална фаза асфалтирањето на коловозот на улицата „Блаже Тодоровски“ кој е во должина од 135 метри и површина од 742 метри квадратни. Тој посочи дека со ова се решава горлив проблем на жителите на населбата.
„На улицата изградивме атмосферска, водоводна и фекална мрежа, со што го решивме горливиот проблем на жителите во населбата. Со градежните активности завршуваме целосно за десетина дена, по што улицата ќе биде пуштена во употреба.
За утре најавувам почеток на реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во Капиштец. Есенската градежна офанзива продолжува со реконструкција на улиците „Светозар Марковиќ“, „Донбас“, „ Алберт Ајнштајн“, „Андон Дуков“ и „Дебарца“ која од Ленинова води до задната страна на студентскиот Кузман Јосифовски Питу“, напиша Герасимовски.