Герасимовски: Ќе иницирам средби со граѓаните пред секоја нова реконструкција во општината

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и претставници на општинската администрација синоќа одржаа маалска средба со дел од граѓаните од улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало.

Герасимовски, како што соопшти Општина Центар, ги ислуша сите сугестии на жителите и одговори на сите поставени прашања, кои во најголем дел се однесуваа на паркинг местата и реконструкцијата на улицата. За подобар увид во работата и предвиденото идејно решение, Герасимовски ги покани граѓаните на увид на нацрт-проектот за реконструкција на улицата „Миросав Крлежа“ во неговиот кабинет, в четврток во 18.30 часот.

-За улицата „Мирослав Крлежа“ веќе има изработен идеен проект, кој сакам лично да го погледнат граѓаните. Мојата намера е пред секоја реконструкција да се сретнувам со жителите, со цел да ги прецизираме проектите според нивните најголеми приоритети. Само преку заедничка комуникација ќе добиеме квалитетни проекти кои ќе ги задоволат потребите на жителите, изјави Герасимовски на маалската средба. Напомена дека дел од проблемите и потребите на граѓаните веќе ги знае од претходните средби со нив.

Градоначалникот Герасимовски рече дека улицата ќе стане пешачка зона и дека иако таа сега е во надлежност на Градот по реконструкцијата повторно ќе припаѓа под Општина Центар, со што, како што рече, граѓаните ќе имаат поголеми привилегии за паркирање.