Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски очекува иницијативата за вандализмот за вршење општокорисна работа на малолетниците кои вандализираат во најкус можен рок да се преточи во закон.
„Очекувам во најбрз рок нашата иницијатива да се преточи во закон, барам поддршка од сите пратеници да ги поддржат новите законски измени за да може да го спречиме вандализмот во општините. По доставувањето на иницијативата од страна на ЗЕЛС до Владата очекувам ресорните министерства да предложат измени на законите што ќе се донесат по брза постапка во Собранието. Вандализмот е проблем кој мора сите ние заеднички, меѓуинституционално да го решаваме. Еве повторно, гледаме вандализам во центарот на градот, кај „Жена парк – Борец“ кадешто се скршени и откорнати клупи со расфрлан отпад. Ова мора да го стопираме“, вели Герасимовски.
Иницијативата на Општина Центар беше едногласно прифатена на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и со неа се предвидува да се направат измени на постоечките законски решенија како Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата. Овие измени ќе донесат позитивни резултати кај малолетните вандали.