Герасимовски: Горд сум што ООУ ,,Кочо Рацин” во мојот мандат доби модерна реконструирана спортска сала

 

Општина Центар овозможи успешен старт на новата учебна година во ООУ ,,Кочо Рацин”, кои добија целосно реконструирана и модерна фискултурна сала.

„Реконструкцијата е изведена според најсовремените стандарди, и горд сум што оваа значајна инвестиција во спортската инфраструктура се реализира во мојот мандат. Ова е прва целосна реконструкција на училиштната спортска сала по цели 80 години”, изјави Герасимовски, кој ја искористи можноста да одигра партија баскет со учениците.

Реконструираната сала, со површина од 800 метри квадратни, доби нов висококвалитетен паркет, дополнително осветлување, израмнети и варосани ѕидови . Дел од старите спортски реквизити се обновени, а поставени се нови кошеви.

Целосната реконструкција на спортската сала е финансирана од општинскиот буџет, со износ од 5 милиони денари.

Покрај оваа инвестиција, во завршна фаза е изградбата на пристапна рампа на влезот од училиштето и четири тоалети за деца со телесна попреченост, финансирани од Светска банка.

Следната недела се очекува да биде завршено реновирањето на четири кабинети за физика, хемија, музичко/ликовно и германски јазик, каде што се реконструираат подовите, електричната и водоводната инсталација, плафонот и ѕидовите. Овој проект, во вредност од 65 000 евра, е финансиран од Министерството за образование и наука.

Дополнително, монтирани се две смарт табли, обезбедени од општинскиот буџет.

Во тек е и реконструкција на четири помошни простории, четири тоалети, ходници и безбедносна ограда на постојните скали.

Со средства собрани од училишните базари се обновува и надворешната фасада на стариот дел од училиштето.

Градоначалникот Горан Герасимовски најави дека нема да запрат тука.

„Продолжуваме со унапредување и модернизирање на образовниот процес во сите центарски училишта,“ изјави Герасимовски.