
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска на брифинг со новинарите истакна дека додека не се изнајде законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, нема да предложи нацрт-ДУП-от „Барутана“ да се стави на дневен ред на Советот.
„Позитивните мислења од институциите се важни, но мора да ги расчистиме и прашањата за стабилноста на теренот и пристапната сообраќајница. Затоа, ќе ѝ наложиме на планерската куќа да нарача дополнителна студија од Градежниот факултет за процена на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините“, посочи Герасимовски.
Тој исто така наведе дека имаат законска обврска да ја водат постапката, но, како што вели, тоа не значи дека планот мора да биде усвоен по секоја цена.
„Ќе ги разгледаме сите забелешки и ќе ги направиме потребните дополнителни анализи. За Водно мора да бидеме особено внимателни, а безбедноста на граѓаните мора да биде на прво место“, додаде градоначалникот.