Георгиевски на средби со жителите: Општина Илинден го креира буџетот за 2023 година

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, деновиве врши обиколки на населените места, каде што остварува средби со жителите со кои разговара за нивните секојдневни потреби и проблеми. 

Целта е да се слушнат нивните предлози и да се вметнат во буџетот за следната 2023 година.

-Општина Илинден го креира буџетот за 2023 година, го слушаме гласот на граѓаните, работиме според нивните потреби.На средбите на граѓаните им даваме посебни анкетни прашалници на кои граѓаните можат да ги наведат нивните барања и предлози, а истите можат да ги достават и преку електронски пат (ilinden@ilinden.gov.mk) со пополнување на анкетен лист/прашалник на нашиот сајт www.ilinden.gov.mk, или да ги достават во архивата на Општината секој работен ден до 30.11.2022 година - информираше градоначалникот.

Со ова, вели градоначалникот, граѓаните активно ќе учествуваат во креирањето на Буџетот, а ваквата инклузивна можност воспоставува процеси на брзо и квалитетно решавање на проблемите на жителите и одговорност, транспарентност и отчетност во работата на локалната власт.