Георгиева за суицидните мисли: Борба со умот која многу несреќни луѓе jа искусуваат, a многумина не ја преживуваат

Денеска се одбележува Светскиот ден на менталното здравје. Колку е важно да се зборува за болестите од овој спектар, за тоа колку е потребна поддршка, но и колку е важно на време да се реагира, преку опширен фејсбук статус, објаснува Мими Георгиева, писателка, активистка, тренер и инфлуенсерка. 

Борба со умот која многу несреќни луѓе, за жал, ја искусуваат, многумина не ја преживуваат, алармира таа. 

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост: 

- Депресијата, како и останатите ментални заболувања, е многу чувствителна тема, но за неа треба гласно и отворено да се зборува бидејќи станува сè поголем проблем на денешнината.

Во некој дел од животот многу луѓе имаат суицидни мисли или познаваат некој што се бори со нив. Еден од четири луѓе има психички проблеми. Тоа значи дека кога ќе влезете во јавна просторија, несигурни и со спуштена глава, верувате дека сте единствен човек што има такви мисли, а една од четири личности поминува низ истата состојба.

За некој што никогаш немал суицидни мисли идејата дека некој друг сака да умре му се чини налудничава. Сонцето свети, сите предуслови за убав ден се исполнети, вљубени сте, појадокот е вкусен. Идејата за смртта е далеку, некаде во иднината бидејќи што можете повеќе да посакате од животот? Но за оние луѓе што имаат ментални проблеми, каква што е депресијата, суицидот е реален ризик. Депресијата може да убие! Мозокот ни е потребен, меѓу другото, и за да ни го пробуди сетилото за вкус за да ја изедеме храната. Мозокот ни треба и за да ги почувствуваме топлината и олеснувањето од сончевиот ден. Мозокот ни треба за топлината од бакнежот да ја почувствуваме низ целото тело.

Депресивниот мозок не чувствува ништо од тоа. Константно е во состојба на изолација и исклучиво е посветен на мислите. Појадокот не е нешто по кое копнее. Едноставните задачи се чинат како проблем, па на депресивната личност најсигурно пристаниште ѝ станува креветот. Сонот постојано ја повикува, а таа само повремено успева да му избега.

Кога ќе помислиме на некој што е суициден, не ни е пријатно да зборуваме за тоа затоа што нè плаши. Таквата реалност ни е преоптоварувачка, па полесно е да ја истуркаме под тепих. Тоа го правиме бидејќи самоубиството знае да биде најчест крај на приказната. Се случува, а ние се чудиме: „Беше убава. Беше паметен. Беше талентирана. Беше исклучителен спортист“.

Не е важно како изгледаме однадвор. Мозокот е благослов, но кога станува збор за менталните проблеми, може да биде проблематичен. Оние што се борат со депресијата знаат и чувствуваат дека не сакаат да умрат, но тоа го гледаат како единствена опција за ставање крај на болката.

Со самоубиствените мисли сте како во замка. Чувствувате дека ве задушува сопствената психа и ви се чини дека нема излез. Секој ден се носите со душевна агонија и болка, што ве плаши и ве турка во погрешен правец. Смртта ви изгледа како единствен излез, но истовремено човечкото суштество во вас очајнички сака да се бори и да се фати за гранче надеж. За живот.

Психичката болест е битка. Борба со умот која многу несреќни луѓе, за жал, ја искусуваат, многумина не ја преживуваат. Депресивните луѓе чувствуваат дека ги исцрпиле сите можности, а сè што се обиделе не довело до олеснување. Чувствуваат како во својот ум да имаат ѕидови што ги одвоиле, дека ги заклучиле многу длабоко и дека нема пат за излез.

Најважно е да се разбере дека суицидните луѓе не сакаат да умрат. Толку очајнички сакаат да живеат, но не можат да го најдат патот. Многумина сметаат дека суицидните луѓе бараат внимание или се однесуваат како страшливци. Но, депресијата е реална болест и не можеме да ги осудуваме луѓето што минуваат низ нешто толку застрашувачко и толку осамено. На тие луѓе не им е потребна критика или осуда за нивните чувства.