Гази Баба за поздрава животна средина дава субвенции за печки на пелети и за обнова на кровови

Општина Гази Баба согласно буџетот за 2018 година ќе распише повеќе јавни повици кои се дел од мерките на општината во делот на енергетската ефикасност, најави на прес-конференција градоначалникот, Борис Георгиевски.

„Сакајќи да се стимулираат жителите на општината за примена на почисто гориво за затоплување на домовите, субвенционираме купување на печки на пелети. Во буџетот имаме планирано 3 милиони денари за овој проект. Општината ќе надомести 70% од трошоците за набавка на печка на пелети за оние домаќинства кои ќе набават печки во рокот кој е пропишан во јавниот повик. Околу 5.500.000 денари планираме за доделување на 100% финансиска поддршка на куќните совети за реконструкција на кровови на 10 станбени згради, за што исто така ќе биде распишан јавен повик“, најави градоначалникот на Гази Баба.

Георгиевски напомена дека општината подготвува план со кој ќе го започне процесот за поставување на енергетски ефикасни фасади на станбените згради во општината.

„Преку овие мерки за јакнење на енергетската ефикасност создаваме услови за чиста животна средина. Оваа година општината заедно со ЕЛЕМ ќе започне со подготовка на проектна документација за изведба на топловодна инсталација во новата населба Хиподром 2. Со овој проект излегуваме во пресрет на граѓаните и планираме да извршиме приклучок на повеќе од 1.000 домаќинства на топлинска енергија во населбите Хиподром 1 и Хиподром 2. Наместо затоплување на дрва, на граѓаните ќе им овозможиме затоплување на топлинска енергија, со што ќе влијае во намалување на загадувањето“, истакна Георгиевски, кој додаде дека се работи и на подготовка на проекти и планови за гасификација на општината.

Градоначалникот потенцираше дека ќе биде распишан и јавен повик за реконструкција на лифтовите во станбените згради.

„Со овој проект планираме реконструкција на 5 лифтови во станбени згради, како и поставување на нови, за што во буџетот имаме 2 милиони денари“.

Георгиевски ги повика сите граѓани и сите куќни совети во општината, кои ги исполнуваат условите предвидени во јавните огласи, да аплицираат.

„Искористете ја оваа можност која ја дава општината преку мерките за енергетска ефикасност. Повеќе детали околу роковите, како и условите пропишани во јавните огласи, граѓаните ќе можат да видат на веб-страницата на општината, како и во два печатени весници“, информираше тој.