
На само еден ден пред почетокот на новата учебна година, општина Гази Баба упати потсетување до учениците и родителите дека за време на наставниот процес не е дозволено поседување и користење мобилни телефони и други електронски уреди.
Од Општината посочуваат дека правилото е воведено со цел да се обезбеди поголема концентрација и непречено одвивање на наставата. Како што наведуваат, известувањата, ѕвонењето или самата потреба за проверување на телефонот може да го одвлечат вниманието на ученикот и да го нарушат текот на часот.
Кога мобилните телефони не се користат во училницата, учениците имаат можност полесно да се концентрираат, активно да учествуваат во наставата, да поставуваат прашања и да соработуваат со соучениците.
Од Општина Гази Баба апелираат правилото да се почитува уште од првиот училишен ден, со заедничка поддршка од родителите, учениците и наставниците.
„Да започнеме со внимание, почит и желба за знаење“, е пораката пред почетокот на новата учебна година.