
Општина Гази Баба и годинава продолжува со традиционалната поддршка за Клиниката за детски болести во Скопје. Градоначалникот Бобан Стефковски денеска ја посети клиниката, каде беа донирани инвертер клима-уреди и постелнина, наменети за потребите на одделите.
Од Општина Гази Баба информираат дека донацијата е реализирана со поддршка на општествено одговорната компанија „Масмен Инвестмент“, со цел да се придонесе кон подобрување на условите за престој и работа на клиниката, како за децата и нивните семејства, така и за медицинскиот персонал.
Стефковски порача дека хуманоста и солидарноста треба да бидат вредности кои се практикуваат секојдневно, нагласувајќи дека Општина Гази Баба веќе петта година по ред ја поддржува Клиниката за детски болести.
„За нас, ова не е само донација. Ова е порака дека хуманоста, солидарноста и грижата за заедницата мора да бидат вредности што ги живееме секој ден“, порача Стефковски.
Тој изрази благодарност до „Масмен Инвестмент“ за поддршката во реализацијата на донацијата, истакнувајќи дека заедничките иницијативи можат да придонесат за создавање подобри услови во институциите од особено значење за граѓаните.
„Понекогаш не можеме да ја промениме целата реалност, но можеме да направиме нешто добро. Можеме да помогнеме. Можеме да покажеме дека не сме рамнодушни“, порача градоначалникот.
Општина Гази Баба најавува дека и во иднина ќе продолжи со поддршката за Клиниката за детски болести.