Гази Баба ќе го плаќа обезбедувањето на училиштата и градинките кое беше на товар на родителите

Од 15 април стартува физичкото обезбедување во сите 11 основни училишта и двете градинки, вклучувајќи ги сите нивни 10 објекти, за што трошокот ќе го покрива општината.

– По иницијатива на градоначалникот Борис Георгиевски, родителите се ослободуваат од плаќање на обезбедувањето во образовните институции и целиот износ од четири милиони денари ќе ги покрива општината од сопствениот буџет, со цел сите деца да бидат безбедни 24 часа, со физичко и патролно обезбедување – велат од општина Гази Баба.

Училиштата и градинките ќе ги обезбедуваат здружено три агенции.

– Од големо значење е да се обезбеди и унапреди безбедноста во установите каде престојуваат најмладите. Да бидат безбедни додека се таму, а да бидат сигурни и сите материјали, опрема и инвентар кои им се потребни за работа и учење, затоа што во минатиот период бевме сведоци на честите кражби во образовните институции – истакна Георгиевски.