Гази Баба и МТСП партнерски ќе работат на проширување и изградба на градинките

Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски денеска потпиша два договори за соработка со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, кои се однесуваат на реализација и финансирање на активности за адаптација и реновирање на објекти од детски градинки.

Со тоа и официјално стартуваат проектите кои општина Гази Баба и министерството за труд и социјална политика партнерски ќе ги реализираат.

Еден од договорите се однесуваат на доградба на 1 занимална во објектот “Морковче”, лоцирана во населеното место Јурумлери, дел од градинката “25 Мај”. Општина ќе одвои 2 милиони и 570 илјади денари за оваа намена, а од МТСП ќе вложат 500 илјади денари, за опремување на доградбата. Проширувањето на “Морковче” ќе обезбеди сместување за уште 20 деца, а се очекува да биде завршена до крајот на март.

Вториот договор се однесува на проширување на објектот “Калинка” во населба Железара, дел од градинката “Детска радост”, со средства од Министерството за труд и социјална политика 1.549.159 денари. Вкупната површина на доградбата ќе изнесува 4534 метри квадратни, која ќе отвори место за плус 60 деца. Оваа доградба се очекува да биде готова за 45 календарски дена.

Општина Гази Баба интензивно работи на решавање на еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат родителите, недостатокот од капацитет во детските градинките, со што чекаат и со месеци за запишување на децата. 

Во меѓувреме, започнавме со изградба на целосно нова градинка во Стајковци, каде ќе се згрижат вкупно 140 деца. А во текот на оваа година, општина Гази Баба ќе започне и постапка за подготовка на проектна документација за изградба на сосема нови објекти во Трубарево, Синѓелиќ, Ќерамидница и Инџиково, кои ќе се реализираат во иднина.

Сите проекти заедно кои се однесуваат на проширување на постоечките капацитети и изградбата на новите градинки, ќе овозможат зголемување на капацитетот во градинките за нови 220 деца, со што се решава проблемот со сместувачкиот капацитет во детските градинки во општина Гази Баба, со што листата на чекање, ќе стане минато.