Гази Баба е подготвена за новата учебна година

Летниот период беше искористен интензивно за реализација на градежно-занаетчиски работи, со цел значително подобрување на условите за образование и воспитание во општинските основни училишта на територија на Гази Баба, информираше денеска градоначалникот на општината Бобан Стефковски. 

Во текот на летото беа извршени повеќе активности кои директно придонесуваат за создавање безбедна и пријатна средина за учениците, додава тој. 

Завршија градежните работи на комплетната реконструкција на спортската сала во ООУ „Његош“, која сега нуди модерни услови за часови по физичко образование, спортски активности и училишни настани. Исто така, беше извршена комплетна реконструкција на тоалетите во ООУ „Стив Наумов“ и ООУ „25 Мај“, со што учениците ќе имаат пристојни, хигиенски и функционални простории.

Дополнително, градежно-занаетчиски активности се реализираа и во останатите училишта во општината, вклучувајќи мали поправки, уредување на училници и зајакнување на инфраструктурата која директно влијае на квалитетот на образованието и условите за работа на наставниот кадар.

- Со овие активности, сите училишта во Гази Баба се целосно подготвени за стартот на новата учебна година. Општината продолжува да инвестира во образованието и воспитанието на младите, создавајќи безбедна и модерна средина , која ги поддржува нивните способности, развој и креативност, порача денеска првиот човек на Гази Баба.