Газди исплаќале само пола плата на мајки со деца до 10-годишна возраст

Голем број фирми не ја почитувале мерката за ослободувањето од работни обврски на родителите кои имаат деца до 10-годишна возраст и на мајките им исплаќале само 50 отсто о платата, велат од Хелсиншкиот комитет.

Од Хелсиншк додаваат дека ваквата појава ја извадила на површина родовата нееднаквост во нашето општество и недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.

Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека најчестите пријави за прекршување на мерките на Владата биле токму за оваа мерка, односно во 28 % од вкупните пријави поднесени до Инспекторатот. Работничките се соочувале со неослободување од работни обврски или пак намалување на платите во случај на ослободување, а за работодавачите да успеат во нивната цел, им се заканувале со откази и непродолжување на договорите за вработување. Таков случај изминатиов месец беше пријавен и во Хелсиншкиот комитет. Работничка вработена во текстилната индустрија нè информираше дека како мајка на деца до 10-годишна возраст е ослободена од работни обврски, по што платата за месеците април и мај ѝ била незаконито намалена и изнесувала само 50 % од целосната плата – се наведува во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права за јули.

Во извештајот се заклучува дека вработените во текстилната индустрија во најголем дел се жени работнички, на кои платата не им е повисока од минималната плата.

Оттука, дел од работничките, мајки на деца до 10-годишна возраст од оваа индустрија, додека се ослободени од работни обврски за време на кризната состојба, примаат плата во износ од околу 7.500,00 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија работнички во нееднаква положба наспрема мажите работници. Имајќи предвид дека тие како жени го сносат најголемиот товар за извршување на обврските во рамки на домот и грижата за децата, па од тие причини и ја користат оваа владина мерка, тоа резултира и со незаконито намалување на нивните плати, до износ кој не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство – се наведува во извештајот на Хелсиншки.