
Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката Пулс од Кочани, во која загинаа 63 луѓе во катастрофалниот пожар, за неполн месец излегува од притвор. Ова за Телма го потврдиле од Кривичниот суд во Скопје од каде рекле дека последното продолжување на притворот му е до 3 октомври.
Од судот посочиле дека тој ќе се брани од слобода, бидејќи според законот може да лежи во притвор максимум една година од оценката на обвинението.
„Ве известуваме дека, мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“ изјавиле за Телма од Основен кривичен суд – Скопје
Инаку, Јованов беше приведен веднаш после пожарот во дискотеката на 16 март, а му беше одреден притвор на 23 март, лани. Судењето против него и уште 33 обвинети започна во ноември и се уште трае, а предвидувањата се дека ќе биде еден од најдолгите и најобемните процеси.