Гасот е најдобро гориво за топланите во Скопје затоа што најмалку загадува

Користење мазут во временски период кога цената на природниот гас е значително намалена ги поништува тезите во јавноста дека ова алтернативно гориво е поисплатливо, а токму тоа го користи топланата „Скопје Север“ изминатиов период.

Иако комбинирано со природниот гас, сепак, ако се знае колку мазутот загадува, се поставува прашањето дали таквата одлука е соодветна, особено што засега не се врши мониторинг за емисиите во воздухот.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, изјави дека целта на владата е топланите „Исток“ и „Запад“ да работат да природен гас со цел да се заштити животната средина во Скопје. Исто така, тој рече дека гас очекува да користи и топланата „Скопје Север“. - Ако имаме непречено снабдување со природен гас, тие до крајот на сезоната ќе работат на природен гас.

Во делот на „Скопје-Север“, таму имаме приватна компанија, која е сопственик на топланата. Тоа е Топлификација А.Д. и ние сме им понудиле, како што направивме со Адора и претходно со БЕГ, две решенија – и договор за закуп и ние преку ЕСМ да ја преземеме одговорноста во делот на работата, посебно во кризна состојба - истакна Бектеши.

Топланата „Скопје Север“ како дел од нејзината интегрирана еколошка дозвола може да користи мазут како алтернативно гориво, но само под одредени услови и во краток временски период.

Дали тоа навистина се почитува, се сомневаат и дел од еколошките активисти.

- Нема информации од Град Скопје дека нешто од ова е направено. Го повикуваме Инспекторат на град Скопје да извршат инспекција и извршат мерења на емисиите во воздух, а Државен Пазарен Инспекторат со државната мобилна лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива да го провери квалитетот на мазутот. Потребно е да се направат сите можни чекори за да се избегне користење на мазутот, едно од најнечистите горива кое во комбинација со лоши процеси на согорување е еден од најопасните извори на аерозагадувањето - објавија од „О2 иницијатива“ на својата официјална Фејсбук-страница.

Во дозволата исто така е наведено дека во периодите кога ќе се користи мазут како погонско гориво, за тоа треба да се извести Надлежниот орган и да се доставува спецификација за квалитет и количина на горивото. Притоа, истото треба да биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива (“Службен весник на Република Македонија’’ бр.81/09).

- Доколку Операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести Надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до Надлежниот орган - стои во интегрираната еколошка дозвола.