Гаши по пресудата во Хаг: „За албанскиот народ, Тачи, Весели, Красниќи и Селими се и остануваат ослободители на Косово“

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, реагираше на пресудата изречена во Хаг против поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими.

Во објава на Фејсбук, Гаши оцени дека пресудата не може да го промени местото што, според него, четворицата го имаат во историјата на Косово.

„Ниту една пресуда не може да го негира фактот дека Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими се дел од славното поглавје во историјата на Косово“, напиша Гаши.

Тој наведува дека четворицата во периодот на војната имале „храброст да се вклучат и да ја преземат историската одговорност за носење слобода на својот народ“.

Според Гаши, „за албанскиот народ, тие се и остануваат ослободители на Косово“, а војната на ОВК и жртвите на нејзините припадници, како што наведува, претставуваат дел од патот што довел до слободата на Косово и до нова ера на мир и стабилност во регионот. Гаши истовремено посочува дека денешната пресуда е првостепена и дека „борбата за правда продолжува“.

„Затоа, денес е денот да застанеме заедно и да посведочиме дека нашите мисли и срца се со ослободителите и нивните семејства“, напиша претседателот на Собранието.

Тој додава дека слободно Косово претставува, како што вели, сведоштво за генерацијата која се борела за слобода и изразува поддршка за семејствата на осудените.