Гасење на било која мрежа нема да ви ги воспита децата, вели Миа Костова

Инфлуенсерката и некогашна водителка Миа Костова се огласи со свој став за актуелното прашање „Дали да се забрани Тик-ток во земјава“? Ова доаѓа како нејзина реакција откако медиумите пренесоа вест дека тинејџери од Скопје, следејќи Тик-ток предизвик, се качиле на покривот на 13-катница во главниот град. 

Таа вели дека драматизирањето од секогаш ни било јака страна.

-Само да ви кажам дека во мое време истово се случуваше, па една Марта од маало, падна од стаклата од кров во блоковите директно на скалите на 5ти кат, искрши вилица и едвај ја спасија. Разликата е во тоа што јас тие работи ги гледав од долу и никогаш не се качив на кров затоа што сум коркач, а и дома ваљда ми збореле дека на кров мајка ми ја барам. Марта не снимаше тикток ‘95та ама им беше памет на сите и веќе никој не одеше горе, раскажува Миа. 

Таа смета дека ова однесување доаѓа од дома многу повеќе отколку од тоа дека виделе на „Тик-ток“.

-А и просто и едноставно, Тик-ток може да не постои како апликација во мобилниот на вашето дете ако сте ја завршиле работата со авторитетот. Гасење на било која мрежа ич, ама ич, нема да ви ги воспита децата. Оние што во мое време завршија на хероин, тоа не го научија на инстаграм, децидна е Миа. 

Инфлуенсерката потврдува дека „Тик-ток“ е апликација која пореметува и создава силна зависност.

-Тоа дали некој ќе направи предизвик зависи од вас. Предизвици имало и пред зграда. Не бев превоспитана, можеби бев само преплашлива, а тоа некој ми го всадил, вели Миа на крајот на својата реакција.