Галиите остануваат во Вардар

Трите галии поставени во коритото на Вардар ќе куртулат. Нема да бидат размонтирани и извлечени на друга локација бидејќи оваа постапка би го чинела Град Скопје повеќе милиони евра.

– Проблемот со галиите е безбедносен. Должен сум галиите да ги отстраниме од коритото на Вардар, но должен сум да водам сметка и за буџетските средства на Градот. Тоа го правиме на начин да нема буџетски импликации врз градската каса, бидејќи ако само сурово ги отстраните галиите од коритото, ќе не чини повеќе од 6 милиони евра. Значи галиите засега остануваат во Вардар – вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Откако ја презеде градоначалничката функција, Шилегов беше категорично против галиите кои што се дел од проектот “Скопје 2014”, бидејќи сметаше дека нивното присуство го стеснува протокот на водата во реката и истите можат да бидат потенцијална опасност за поплава при евентуално надоаѓање на Вардар. Дури градските служби, по налог на Шилегов, ја преиспитува целокупната правна процедура во однос на поставувањето на галиите во реката Вардар, а тоа опфаќаше и анализа на законите, на деталниот урбанистички план за централното градско подрачје и целата процедура за издавање на одобренијата на инвеститорите.

Сопствениците на галиите кои работат како угостителски објекти велат дека уште пред почетокот на градбата ги имаат обезбедено сите потребни документи, а ги подмириле и сите трошоци кон Град Скопје и кон добавувачите. Тие дури и прифатија нивните галии да бидат тргнати, но да бидат соодветно обесштетени.

Инаку, Студијата за намалување на ризикот од поплави во Скопје направена од УНДП во соработка со Град Скопје и Центарот за управување со кризи покажа дека архитектонските измени направени на Вардар, а ги опфаќаат новите мостови и трите статични галии, ја намалиле пропусноста на речното корито за 25 до 30 од првично проектираниот проток од 1.150 кубни метри во секунда, како и дека во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти.