ГАЛИЧИЦА - планинска убавица заробена меѓу две езера

Летово границите се затворени, но тоа е добра можност малку повеќе да ја истражиме нашата земја и да уживаме во нејзината природна убавина. А верувајте има толку многу, што да се види, и толку многу места на кои може да се ужива. 

Пример планинската убавица Галичица. 

Посебно е атрактивна можноста посетителите во исто време да ги набљудуваат двете прекрасни езера. Преубав природен феномен богат со флора и реликтни форми на  фауна. Мелем за очи и мелем за душа. Пејсажните атрактивни, естетски и куриозитетни вредности се однесуваат и на самите планински страни, кои Галичица ги поседува. Од Национален парк Галичица се протегаат мошне убави глетки на Охридско езеро и Преспанско езеро.

Дел од планината претставува Национален парк Галичица, а заедно со градот Охрид и езерото, ставена е под заштита на УНЕСКО.

Паркот започнува над над охридското село Трпејца, каде патот се дели на лево. Низ планината има асфалтирана патека со остри кривини кои водат до планинските врвови кои на момент како да допираат до небото. Високата шума покрај патот одвреме-навреме го затскрива прекрасниот поглед на езерската шир. Границата меѓу езерото и небото е речиси невидлива. Долу остануваат црвените кровови на куќите во Трпејца, џагорот на плажите и вриежот по охридската калдрма. Планинската тишина ви посакува добредојде.