Галерија: „Затвор Шутка“ - подобро затвореник, отколку притвореник!

Затворската пренатрупаност, нехигиената и супстандарните услови, недоволната медицинска грижа, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација,се само дел од проблемите што укажуваат на нехуманиот и несоодветен третман на осудените лица, а се содржани и во критиките што континуирано се упатуваат до сите досегашни власти за состојбата во македонските затвори. 

Стејт департментот во вчера објавениот извештај за човековите права за Република Македонија како едно од најкритичните прашања ја нотираше тортурата во македонските затвори.

Многу малку се гледа од она што се случува зад затворените врати на затворите. Новинарска и фоторепортерска екипа на МИА имаше можност да го посети Затворот Скопје, познат како Шутка, со најголемото притворско одделение во Македонија и на лице место да ја согледа состојбата во еден од затворите во земјава. 

Според степенот на обезбедување, степенот на ограничување на слободата и видовите на третман што се применуваат кон осудените лица, Затворот Скопје е казнено-поправна установа од полуотворен вид во која основното обезбедување е физичкото што го остваруваат припадниците на секторот за обезбедување.

Казната тука ја издржуваат мажи осудени на казна затвор до три години, како и рецидивисти осудени со правосилна пресуда до шест месеци. 

Во Затворот Скопје се наоѓа најголемото и најобезбеденото притворско одделение во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години.  

Главната работа во Шутка е притворската

Директорот на затворот Ѓоко Котевски за МИА вели дека главната работа во Шутка е притворската,бидејќи околу 80 отсто е поврзана со притворското одделение. 

Со законот за амнестија бројот на осудениците драстично опаднал. Од затворската управа велат дека изминатите 15 години вообичаено имало меѓу 150 и 200 затвореници, а капацитетот на затворот е 128 осуденици во отворено, полуотворено и затворено одделение. По амнестијата бројот на осудениците е намален на 67, од кои 17 има во затвореното одделение, во полуотвореното и отвореното 46, а во приемното четири лица.

Во притвор има околу 200 луѓе а капацитет е за над 300 кревети. Имало случаи во притворот да има до 460.

- Ти велат има нови за притвор и мораш да се снајдеш да ги сместиш, велат од управата.

Според условите притворското одделение, Шутка не може да се пофали со почитување на човековите права согласно Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечно или понижувачко постапување. Понижувањето на притворениците во однос на сместувањето е еднакво како да си осуден и казнет, со тоа што си сместен во тоа одделение.

Ќелиите во тој дел не се реновирани откако е изграден затворот, односно од 1968 година, освен неколку соби кои се бојадисани и малку санирани големите оштетувања.

Најалармантна е состојбата во озлогласеното притворско „В“ одделение, или меѓу затворската полиција попознато како „Ц“. Првиот слој на малтерот на повеќе места е паднат, а каблите околу прекинувачите за струја се оголени и лесно може да се случи да добиете струен удар.

Внатре е мрачно, има едно мало прозорче од кое едвај допира светлина, а досетливите притвореници врзале пластично шише со вода за да го контролираат протокот на воздух во самата ќелија.

Ѕидовите во повеќето ќелии се насликани од креативни притвореници. Во некои од нив се чувствувате како да сте во манастирски, а не во притворски ќелии, насликани се икони, со потпис на нивните автори.

Подот е руиниран, како во напуштена куќа, половина е обложен со паркет, половина соголен. Во простор помал од шест-седум квадратни метри има два до три, а некаде и четири кревети, мала масичка и тоалет така наречен „чучавец“, што притворениците го затнувааат со пластично шише свртено наопаку, со цел да се спречи навлегувањето на непријатниот мирис во просторијата.

Храната што ја добиваат за време на посетите најчесто е оставена на подот околу креветите.

Додека екипата на МИА беше во посета на озлогласеното притворско „В“ одделение притворениците извршуваа дел од дневната рутина, шетање во кругот на затворот од неколку часа, а после тоа пак се враќаат во своите ќелии.

Притворското одделение може да се пофали со „хашките соби“ кои затворот ги изгради по барање на ЕУ за потребите на Судот од Хаг. Собите ги задоволуваат стандардите како на модерен европски затвор, но тие се само неколку. 

Не можевме да дознаеме кои затвореници се сместени таму но по она што можеше да се види се гледа дека се соби за ВИП личности.

Обезбедувањето во затворот е зајакнато и со припадници на ПЕП силите, пред се, како што ни појаснија во управата, поради тоа што во притворското одделение, има лица кои се обвинети за дела поврзани со тероризам. Во притворот има лица од случаите Диво насеље, настаните од 27 април во Собранието, од пукањето во Тетово.

Работата во притворот ја оценуваат како потешка. Едно притворено лице, вреди за десет осуденици, буквално му ги опслужуваш сите потреби, треба многу работа околу нив, велат од затворската управа.

Затворски приказни

Екипата на МИА го посети затвореното одделение на Шутка, каде имаше прилика да поразговара со некои од затворениците, кои тука отслужуваат затворска казна.

Условите за сместување се солидни, но секако далеку од европските стандарди, но затворениците, кои претходно биле во притвор, во овие ќелии, велат дека се чувствуваат како во хотел. Таму казна отслужуваат 17 осуденици. Во собите затворениците се сместени по три до четири лица, во кои хигиената ја одржаваат сами

Еден од осудениците во Шутка, кој отслужува затворска казна за учество во толпа, за протестот на 5 мај 2015 година пред Владата за убиството на Мартин Нешковски не е задоволен од новата управа на затворот.

Во разговор за МИА вели дека го посетиле невладини организации, но условите во затворот не се подобрени.

Нашиот соговорник се пожали на нефер осуда, за која тврди дека не е виновен и дека е наместен од тогашните структури на власта да издржува казна затвор.

Од условите во затворот имаше забелешка на лекарската помош. Вели по неколку пати бара, но не му се овозможува преглед. Храната вели дека е лоша, но сепак има подобрување во однос на порано. Многу пречи, рече тој, што во затвореното одделение нема телефонска говорница да се слушнат со семејството и да прашаат за нивната здравствена состојба.

Се пожали на третманот од воспитувачите. Тој разговара само со началикот за ресоцијализација, а со другите не сака да зборува.

Вели нема никаков контакт со надворешниот свет. Вратата се отклучува само за терапија и за исхрана, и според него, никогаш не било вака.

Нашиот втор соговорник кој имаше уште 60 дена до истекот на казната, а кој е осуден за киднапирање, се пожали на селективност на затворската управа во однос на помилувањето.

Тој смета дека веќе треба да биде излезен, но не го пуштаат затоа што според нив, му била најдена недозволена супстанца во урината. Побарал крвна анализа, но не му било дозволено да направи. Ни кажа дека истото тоа му се случило на негов цимер од ќелијата и тој дента кога екипата на МИА беше во посета на Шутка добил дозвола да си замине дома, иако според нашиот соговорник имал уште да одлежи. На такви селективни правди се пожалија и други затвореници.

Корупција во затворот

Затворската управа вели дека успешно се справува со корупцијата меѓу затворските службеници, велат навремено реагираат на секој сомнителен случај. Имало наоди за одредени случаи на корупција, но како што појаснија има насоки, како да се преземаат мерки со цел оваа појава да се сведе на минимум.

- Прашањето со корупцијата во затворите е мошне експлоатирана во јавноста, но за нас релеватно е ако има докази. Сега има индиции и ги преземаме сите законски мерки што ни се на располагање за да го спречиме тоа, велат од затворот.

Во Шутка моментално казна отслужува еден од вработените во затворската служба во Идризово, кој е обвинет за корупција. 

Можноста затворениците да ги поткупуваат вработени во затворот за да добијат одредени погодности, според затворската управа е сведена на минимум, бидејќи како што појаснуват храната е на високо ниво, просториите кога е студено соодветно се затоплуваат, се почитуваат стандардите за седум часа слободно движење за време на викенд, годишниот одмор. 

Сепак со затворениците со кои разговаравме ни кажаа дека доколку сакаш да обезбедиш мобилен телефон во затворот за тоа ќе треба да платиш 200 евра. Мобилните секако се забранети, како и во сите затворски установи.

Според, Управата на затворот, имало еден случај на корумпиран припадник на затворската полиција. Тој бил ставен во притвор и добил ослободителна пресуда.

Во затворот има 103 униформирани полицајци кои се грижат за безбедноста. 

Шутка се подготвува за нова програма за ресоцијализација

Шутка се подготвува за нова програма за ресоцијализација, која новата Управа веќе почнува да ја спроведува, а тоа се посети на културно уметнички настани за најпримерните осуденици, збогатување на библиотеките, организирање работилници и културно уметнички настани за самата установа од осудениците и со гости уметници.  

Дента кога екипата на МИА беше во посета на затворот беше најавена посета на 10 затвореници во кино која мерка ја најави директорот на затворот Котески заедно со министерот за култура Роберт Алаѓозовски, а која ќе преставува можност за подобра ресоцијализација и подобра атмосфера во затворот.

Затворениците се работно ангажирани во бифето, кујната, автомеханичарската работилница има и столарска и браварска работилница, ама овие две не функционираат, но, како што велат работат на проекти да се вратат во функција. 

Од затворот најавија и изградба на некој вид на стационар за кучиња скитници кои секој затвореник ќе задолжи по едно, а после одлежувањето на казната ќе може да си го вдоми. Од затворската управа најавија и нови вработувања во делот на затворот,  а кои ќе бидат фокусирани на препород и економија, за што веќе е побарано до одобрение од Министерството за финансии.

Од затворот велат дека не се сите затвореници исти и токму поради тоа третманот со нив е различен. Појаснуваат дека затворениците користат соодветен третман, но пристапот е индивидуален во однос на поволностите што ги добиваат, а сетоа тоа зависи од нивната напредна состојба и поведение.

- Не се сите осудени лица исти, некој можеби ќе ги користи законски предвидените погодности, како што се викендите, а тоа се максимум 15 дена, но некои тоа нема да го искористат и не треба да ги искористат. Како ќе го мотивираме ние осуденото лице да учествува и да работи ако му се даваат поволностите за отсуство, а при тоа да не се бара од него да учествува во ниту една активност, појаснува началникот на секторот за ресоцијализација Марјан Јошевски.

Во обрасците за затворениците се водат податоци за нив, кои ги внесуваат воспитувачите кои работат од првиот ден со нив, но се водат белешки и доколку самите избегнуваат каква било комуникација со вработените.

Отворено и полуотвореното одделение, на чекор до дома

Во отвореното и полуотвореното одделение се сместени 46 осуденици. Овие одделенија се надвор од ѕидините на затворениот дел во Шутка. 

Во затворот отворениот и полуотворениот дел се еден до друг, а затворениците се движат заедно во ист круг, кој е издвоен од затворениот дел и притворскиот.

Во собите затворениците се сместени по три до четири лица, а во секоја соба има телевизор. 

Во отворениот дел затворениците можат да користат спортски терен библиотека, во близина е и механичарската работилница, во која се сервисираат дел од помалите дефекти на возилата кои ги поседува затворот.

Затворениците во отворениот дел беа расположени за фотографирање а некои од нив и да ни раскажат дел од нивната приказна за делото за што се обвинети.

Пари за реновирање на затворот во моментов нема. Директорот Ѓоро Котевски вели дека во моментов тие се обидуваат со средствата што им се на располагање нешто да реконструираат.

- Во моментов со наши сили се обидуваме нешто да реконструираме, инвестиции нема, барем не оваа година, за понатаму очекуваме, додава тој.

Како што ни кажа во Идризово е најавено дека ќе се гради ново притворско одделение, во кое ќе се префрли притворот, а потоа се очекуваат реновирање на Шутка, која треба да стане установа од целосно полуотворен тип. Но рокови за овие планови засега нема. 

Ана Цветковска , Борис Куноски / МИА

фото. Дарко Попов