Галерија: Посетете го Музејот на раскинати врски во Скопје

Во рамките на одбележувањето на Денот на уметноста, кој МКЦ години наназад традиционално го прославува со голем хепенинг насловен како Роденден, по цели 11 години, повторно во Скопје ни доаѓа Музејот на раскинати врски.

Музејот на раскинати врски го создале Олинка Виштица и Дражен Грубишиќ од Хрватска, кои откако ја прекинале нивната љубовна врска решиле да ги изложат оние предмети што ги потсетуваат на нивното заедничко минато.

Музејот на раскинати врски изобилува со меморабилии од прекинати релации, кои се од најразличен карактер. Од писма, плишани мечиња, суви цвеќиња, облека, до велосипед, кој бил подарок од поранешниот партнер, пенкало со кое се напишани најромантичните писма, до малечка секира со која се демолирал мебелот на поранешниот љубовник.

Музејот на раскинати врски на еден креативен начин обединува приказни за кои можеби првиот впечаток би бил дека се тажни, но некои од објаснувањата покрај самите објекти слатко ќе ве насмеат.

Овој уникатен уметнички концепт, првично има за цел да ја ослободи енергијата, која ја носат разните предмети поврзани со некаков прекин, крај, но и истите тие предмети да ги конзервира во едно заедничко место, таканаречен мавзолеј на скршените срца.

Колекцијата на музејот веќе ја имаат видено илјадници луѓе низ светот, а благодарение на тоа, музејот доби свои простори со редовни поставки во Загреб и во Лос Анџелес. Порталот http://www.travelnerd.com го вброи меѓу 10-те светски најчудни музеи, а во 2011 музејот ја доби и наградата Kenneth Hudson за најиновативен музеј во Европа.