Гаја го прекина мечот Македонија – Шкотска, а сега шкотските навивачи сакаат да ѝ најдат дом

Кучето кое истрча на теренот и накратко го прекина натпреварот меѓу Македонија и Шкотска стана една од најсимпатичните приказни по фудбалската пресметка во Скопје.

Шкотските навивачи во меѓувреме објавија и повеќе детали за неочекуваниот „гостин“ на тревникот. Станува збор за куче по име Гаја, старо околу две години, кое уште пред почетокот на натпреварот било забележано во близина на трибините, а подоцна успеало да влезе и на теренот.

Нејзиното појавување предизвика симпатии кај публиката, но приказната не завршила со последниот судиски свиреж.

Од навивачката група „The Tartan Army“ објавија дека сопственичката на „Нано Бар“, локал во кој престојувале голем број шкотски навивачи за време на нивната посета на Скопје, побарала помош Гаја да добие постојан и топол дом.

Идејата е кучето да биде вдомено во Шкотска, а шкотските навивачи најавуваат дека, заедно со македонски поддржувачи, би можеле да организираат и собирање средства за трошоците потребни за нејзиното префрлање.

Така, симпатичниот момент од теренот може да добие и убаво продолжение – Гаја, која накратко го запре натпреварот, да добие нов дом далеку од Скопје.