„Функцијата градоначалник не ја доживуваше како привилегија“ - Пријателите и сопартијците се простуваат од Илиевски

Вчера ненадејно, на 58-годишна возраст, почина Јовица Илиевски, градоначалник на општина Брвеница. Жителите на општината со неверување ја примаат трагичната вест. Бројни колеги, граѓани, сопартијци, пријатели се простуваат од Илиевски и споделуваат жалење за прераната загуба.

Од Илиевски се прости и премиерот Христијан Мицкоски.  

- Со огромна тага ја примив веста за ненадејната смрт на мојот драг пријател, колега и пред сѐ голем човек, Јовица Илиевски. Јоцо, сите сме во шок и неверување. Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас, но уште потешко е да се најдат зборови за човек како тебе. Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе. Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа. Упатувам длабоко сочувство до твоето неутешно семејство, до пријателите, колегите и до сите луѓе кои денес чувствуваат голема празнина поради твоето заминување. Брвеница е горда на тебе, сподели во фејсбук објава градоначалникот на Град Скопе Орце Ѓорѓиевски. 

-  Јовица беше работлив, чесен и скромен човек, целосно посветен на луѓето и на општината што ја водеше. Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати. Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Ќе го паметиме како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце, се наведува во прошталната порака од ВМРО ДПМНЕ. 

- Прекрасен човек со огромно срце и чист образ, кој секогаш сакаше секому да помогне. Оваа загуба е од многу поголеми размери, бидејќи тој ги сплоти сите луѓе во општина Брвеница и даде сѐ од себе сите луѓе да имаат подобар и пристоен живот. Подаваше рака секому, сподели Даниел Апостоловски, сопартиец на починатиот градоначалник. 

-  Само пред една недела, на прославата по повод роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, по подолго време се видовме. Како и секогаш, со насмевка ми пријде, ме прегрна и искрено ме праша: „Како си, пријателе?“. Таков беше Јоцо – непосреден, човечен, искрен и секогаш близок до луѓето. Во разговорот договоривме наскоро да седнеме на ручек, заедно со нашиот заеднички пријател Спиро Ристовски во култната кафана „Бакал“, да поразговараме за животот, за пријателството и за времињата што доаѓаат. За жал, судбината имаше поинаков план и тој наш договор остана неостварен. Јовица беше чесен, скромен и вреден човек, посветен на своето семејство, на пријателите, на партијата и на граѓаните на Брвеница. Функцијата градоначалник не ја доживуваше како привилегија, туку како обврска и служба кон народот. Затоа беше сакан и почитуван од сите што го познаваа, сподели во прошталната порака за својот пријател Миле Јанакиески. 

На локалните избори во 2021 година беше избран за градоначалник на Брвеница, добивајќи мандат за периодот 2021–2025 година. Подоцна ја доби довербата на граѓаните и за втор мандат, што го потврди неговото политичко влијание и поддршка во општината.

Во текот на неговото раководење со општината, Илиевски се залагаше за подобрување на локалната инфраструктура, унапредување на комуналните услуги и реализација на проекти од значење за жителите. Неговата работа беше насочена кон унапредување на условите во руралните и урбаните делови на општината.

Покрај политичката кариера, тој беше семеен човек, оженет и татко на две деца. Колегите и соработниците го опишуваат како посветен и практичен во пристапот кон локалните проблеми.