Фрлиле дрога од автомобилски прозор - Притвор за две лица од Кичево

Двајца мажи од Кичево се лишени од слобода откако полицијата пронашла и одзела пакување со бела прашкаста материја што, според МВР, го фрлиле од возило во кичевското село Србјани.

Инцидентот се случил вчера околу 21:30 часот, кога полициски службеници од ОВР Кичево дале знак за запирање на автомобил „пежо“. Возилото го управувал И.Б.(43), а сопатник бил А.Л.(29), двајцата од Кичево.

При запирањето, двајцата од прозорецот на возилото фрлиле пакување со бела прашкаста материја, кое било пронајдено и одземено. Дополнително, полицијата утврдила дека 43-годишниот возач го управувал возилото иако имал активна забрана за управување со моторно возило од Б категорија.

По известување на јавен обвинител, возилото било одземено, а ОВР Кичево поднело кривична пријава до ОЈО Кичево. Судија на претходна постапка од Основниот суд Кичево на двајцата им определил притвор во траење од 30 дена. Тие се спроведени во КПУ „Затвор Битола“ за издржување на мерката.